И по неколкумесечните преговори за дефинирање на конечната сума за изградба на автопатот Кичево – Охрид, нема договор меѓу државата и кинески „Синохидро“ по ова прашање. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов денеска информираа дека за еден месец ќе се знае крајната цена на оваа автопатска делница со должина од 57 километри. Дополнителните измени во проектната документација за автопатот сè уште траат. Без нив, не може да се знае финалната сума.
*Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски
Она што со сигурност се знае е дека за жителите на селата долж автопатот ќе мора да се обезбеди патно поврзување со новата делница. Сегашниот магистрален пат ќе биде нефункционален во иднина, поради тоа што автопатската траса на еден дел се поклопува со постоечкиот пат. Во проектната документација досега не биле вметнати осум клучки за решавање на овој проблем, но во наредниот период овие инфраструктурни објекти ќе чинат дополнителна сума изразена во милиони евра. Изведбата на осумте нови клучки на автопатот ќе бара и изградба на дополнителни 40 километри патишта за да се спојат клучките со населените места околу автопатот.
Дополнителни средства ќе треба да се издвојат и за изведба на тунелот „Пресека“ во должина од 1.990 метри, но и за стабилизација на свлечиштата и усеците. Овие непредвидени работи ќе изискуваат финансиски средства за експропријација на приватно земјиште. Поточни информации околу овој капитален проект ќе се знаат по разговорите со кинеската Ексим банка, чии претставници би дошле во земјава до средината на јули. Од Министерството за транспорт и врски информираат дека остануваат неискористени 220 милиони евра од вкупно предвидените 374 милиони евра. Во наредниот период ќе се побара од Ексим банката да се искористат овие финансиски средства за останатите инфраструктурни објекти долж автопатот, со цел да се забрзаат градежните работи на терен.
Рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид веќе беше продолжен до јуни 2021 година. Изградбата започна во февруари 2014 година, но не беше испочитуван првичниот краен рок од јануари 2018 година.