Порталот „Билд“ по повод одбележувањето на 55 – годишнината од скопскиот земјотрес ќе објави серија текстови што ги третираат донираните објекти од странски земји во периодот по 1963 година. Станува збор за користење извори од десетина домашни и странски публикации и архивскиот материјал на весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“ што ги опишуваат подзаборавените донации на странските влади и народите од целиот свет, коишто несебично се одлучиле да помогнат при постземјотресната обнова на Скопје.
По природната катастрофа од 1963 година, дури 82 земји од целиот свет помогнаа при изградбата на новиот град на меѓународната солидарност. Пет и пол децении подоцна, многу од овие објекти се исчезнати од урбаниот пејсаж на македонската метропола, но и од колективното сеќавање на скопјани. Дел од овие објекти, како што се монтажните бараки на ОУ „Јан Амос Коменски“ и Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, беа заменети со објекти од цврста градба. Сепак, многу објекти од цврста градба во изминативе години беа уништени под налетот на вандализам на несовесните граѓани, но и од негрижата на локалните самоуправи и државните власти.
Скопје денеска не успева да ја продаде приказната за меѓународната солидарност пред светската јавност. Наместо ова, жителите на овој град по 55 години од 26 јули 1963 година се мачат да ги препознаат донираните објекти на народите, невладините организации и владите од целиот свет. Дел од објектите, како што е примерот со Универзалната сала, се оставени на заборав на времето од страна на државната власт и локалните самоуправи. Поголем дел од останатите објекти, меѓу кои е и спортската сала „Партизан“ во населбата Карпош 3, претставуваат мета за вежбање насилство од страна на вандали.
Во случаите кога постои одредена грижа за зачувување на сеќавањето за солидарноста, како што е примерот со објектот на ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, се поставува прашањето за неопходноста од итна и доследна санација на внатрешноста и надворешноста на овие објекти. Амбасадите на неколку земји лоцирани во Скопје прикажаа натчовечки напори за да ја запознаат јавноста во однос на значајноста на донираните објекти од нивните народи и влади. Типичен пример за тоа е напорот што го вложи Амбасадата на Република Полска во изминативе години. Сепак, останува да се направат уште многу нешта пред да се каже дека македонската државна власт и општинските раководства вложуваат напори за зачувување на сеќавањето за постземјотресната обнова на Скопје.
Своевиден пример за незаинтересираноста за давање грижа по ова прашање е напорот што го направи „Билд“ за да обезбеди важни информации околу изградбата на дел од донираните објекти во периодот по земјотресот. Многу малку од јавните установи се уважија да одговорат на нашите барања за информации, додека во некои случаи добивме и погрешни информации. Некои од јавните установи во Скопје не си го знаат датумот на свеченото отворање на нивните објекти, а не треба да чуди и можноста дека не знаат за податокот што овие зданија се изградени со донирани средства од многу земји во светот. Овие јавни установи живеат со оваа негрижа. Од тие причини, не е случајно што многу од овие објекти е предвидено да се срушат или, пак, се реконструираат до степен на тотална непрепознатливост со нивниот оригинален дизајн.
Порталот „Билд“ со претстојната серија текстови ќе се обиде барем малку да придонесе во менувањето на свеста за грижата и вниманието што треба да ги добијат донираните објекти од странските земји.