Министерството за здравство денеска го распиша Конкурсот за избор на идеен проект за изградба на нова градска болница во скопската општина Аеродром. Од архитектите се бара да понудат решение во кое ќе се примени современ архитектонски израз, додека формата би произлегла од карактерот на намената на објектот и контекстот во околниот амбиент. Надлежното министерство бара во идејниот проект да се поддржи јавниот карактер на локацијата, но и да се обезбеди адекватно сообраќајно решение за идната болничка зграда.
„Новата Градска болница треба да имплементира еден нов модел за пружање на амбулантска здравствена заштита и дневна хирургија со неинвазивни постапки, со цел намалување на просечната должина на болничкиот престој“ се вели во распишаниот Конкурс. Доставените идејни проекти ќе се разгледуваат од тричлено жири во состав: Иван Спировски, Веселинка Герасимова Петровска и Љупчо Балкоски. Конкурсните трудови треба да се достават до Министерството за здравство најдоцна до 18 јули.
За најсоодветните решенија понудени од архитектите ќе се доделат три награди. Првонаградениот автор ќе се стекне со 5.000 евра, втората награда е во вредност од 2.000 евра, додека архитектот на третонаградениот идеен проект ќе добие 1.000 евра.
Градската болница во Аеродром ќе се гради на местото на постојниот Мајчин дом. Објектот ќе има бруто развиена површина од 18.640 метри квадратни и ќе се простира на приземје и 4 ката. Градежната парцела за овој објект е со површина од 7.668 метри квадратни.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk