Претходна статија
Почина архитект Александар Никољски
Следна статија
ЈСП годинава ќе набави 30 нови еколошки автобуси на природен гас

Италијанците со интерес гледаат кон македонските инфраструктурни проекти

Објавено на 12.06.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Расте интересот на италијанските стопанственици за инвестирање во македонскиот транспорт, енергетика и животна средина. Во моментов четири компании од Италија имаат склучено договори за изведба или за надзор на значајни проекти од патната инфраструктура, во вкупен износ од над 125 милиони евра. Ова денеска беше изјавено на италијанско – македонскиот бизнис форум на тема „Инвестициски проекти и можности во секторите транспорт, енергетика и животна средина во Македонија“.

 

*Извор на фотографија: Влада на Р.М.

 

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање ги охрабри италијанските компании да аплицираат на тендерски постапки и да бидат дел од новото поглавје во изградбата на македонската патна, железничка и гасоводна инфраструктура. „Длабоко верувам дека овој бизнис форум претставува одлична можност да ги отвориме перспективите за развој на енергетиката и инфраструктурата и за заштита на животната средина преку плодоносна, квалитетна и широка дебата за прашања од исклучителна важност за иднината“ изјави премиерот Заев.

 

Амбасадорот на Р. Италија во Македонија Карло Ромео во своето обраќање најави дека постојат италијански фирми што сакаат да се вклучат во проектите планирани за реализација во Македонија во следните години, вклучувајќи го проектирањето и изградбата на улици, железници, гасоводи и други инфраструктурни објекти. „За таа цел е неопходно да се поттикнат и промовираат одржливи и квалитетни инвестиции, особено во секторот инфраструктури, кои му се многу потребни на регионот (особено коридорите 8 и 10), а на Италија ѝ се особено блиски“ изјави амбасадорот Ромео.

 

На денешниот форум учествуваа околу 15 италијански компании, меѓу кои е и Групацијата на Италијанските Државни Железници, заинтересирана за воспоставување соработка со партнери во Македонија. Во попладневните часови се одржаа и бизнис средби помеѓу италијанските и македонските компании од соодветните сектори, за што особено голем интерес пројавија македонските стопанственици.

 

Форумот е организиран во соработка со најголемите национални здруженија во Италија: ANCE – Национално здружение на градежни компании, OICE – национално здружение на проектанти и консултанти во секторот градежништво и ANIE – национална федерација на компании од полето на електротехниката и електрониката.