До крајот на годинава треба да се заокружи тендерската постапка за набавка на 30 нови еколошки автобуси на природен гас за ЈСП – Скопје. Ова денеска го изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов на италијанско – македонскиот бизнис форум „Инвестициски проекти и можности во секторот транспорт, енергетика и животна средина во Македонија“. „Новите екоавтобуси имаат значително помала потрошувачка, и речиси воопшто не емитуваат штетни гасови во воздухот. Покрај овие автобуси, сериозно размислуваме за набавка и на електрични автобуси“ изјави градоначалникот Петре Шилегов.
Тендерската постапка за набавка на новите 30 екоавтобуси за ЈСП – Скопје треба допрва да се објави. Скопскиот градоначалник денеска не најави дали овие автобуси ќе бидат единечни или зглобни. Економичните зглобни автобуси речиси целосно беа исфрлени од употреба по набавката на кинеските двокатни автобуси. Од ЈСП – Скопје во неколку наврати во изминатиов период напоменаа дека им се неопходни зглобни автобуси за одржување на јавниот превоз, коишто можат да примат поголем број на патници и да ги намалат трошоците за гориво и персонал на ова јавно претпријатие.
За модернизација на возниот парк на јавното сообраќајно претпријатие од годинешниов буџет на Град Скопје се издвоени субвенции во висина од 100 милиони денари. На оваа сума треба да се додадат дополнителните средства од 20 милиони денари, што се наменети за помош при набавката на нови автобуси за приватните превозници што ги одржуваат линиите на градско – приградскиот превоз во Скопје.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk