Градот Скопје распиша оглас за избор на изведувач за уредувањето на пештерата Убава на Матка. Со зафатот ќе се постави влезна врата на пештерата, ќе се изведат пристапни патеки, скали, ограда и централно плато, но и ќе се инсталира осветлување во самата пештера. Проектот ќе треба да се реализира во рок од 6 месеци. Од градскиот буџет за овој зафат ќе се издвојат околу 1.000.000 денари. Главната цел на проектот е да се зголеми атрактивноста на Кањонот Матка, којшто во иднина би можел да привлече поголем број посетители. Самиот зафат ќе се реализира врз основа на основниот проект изготвен од фирмата „Астрекс“. Градежните фирми имаат рок до 18 јуни за да ги поднесат понудите за учество во тендерската постапка.
Пештерата Убава е лоцирана на околу 100 метри над езерото Матка и се наоѓа на 75 метри висинска разлика од спелеолошкиот објект Врело. Овој претстоен зафат ќе следи по извршената реконструкција на пешачката патека меѓу пештерите Врело и Убава, која што беше реализирана пред околу три години. Градот Скопје поседува и проектна документација за изградба на пешачки мост преку езерото „Матка“, со кој би се обезбедил директен пристап на посетителите до двете пештери. Овој проект треба допрва да се реализира.