На денешната седница на Советот на град Скопје беше усвоена одлуката за основање на ново акционерско друштво кое ќе се занимава со енергетски дејности. Градските власти со оваа одлука ја преземаат дејноста за снабдување со природен гас и топлинска енергија на територијата на Скопје. „Со цел брзо и ефикасно приклучување на системот на централно греење и започнување на процесот на гасификација на градот, граѓаните на Скопје во претстојната грејна сезона ќе можат да почнат да ги користат услугите на новото претпријатие за вршење на енергетски дејности“ информираат од Град Скопје.
Ова друштво ќе основа едно или повеќе трговски друштва за да ги вршат дејностите за снабдување со природен гас и топлинска енергија. Основањето на акционерското друштво е првиот чекор што го презема Градот Скопје за преземање на дистрибуцијата на топлинска енергија од „Балкан енерџи груп“ (БЕГ). Градските власти уште пред неколку месеци истакнаа дека е недозволиво една фирма да го врши производството, дистрибуцијата и малопродажбата на топлинска енергија.
Ако успешно го комплетираат целокупниот процес, Градот Скопје со преземањето на дистрибутивниот систем на топлинска енергија ќе може да бира од кои производители ќе ја купува топлинската енергија што ќе се дистрибуира до граѓаните. Градските власти планираат да започнат со работа уште од претстојната грејна сезона, иако од БЕГ веќе најавија дека планираат да останат дистрибутери на топлинската енергија. На почетокот од овој месец, од оваа компанија посочија дека имаат лиценца за работа со времетраење од 35 години, со што непречено би можеле да продолжат да управуваат со дистрибутивната мрежа.