Нов чекор кон унапредување на патното поврзување меѓу Македонија и Бугарија. Во третиот квартал од годинава треба да биде објавен меѓународниот тендер за избор на компанија што ќе го реконструира магистралниот пат од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Станува збор за рехабилитација и унапредување на трасата со должина од 13 километри, за која што е подигнат заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 12 милиони евра. Вкупната вредност на целиот проект е 16,4 милиони евра. Со проектот ќе се постави нов асфалтен слој на двете ленти од магистралниот пат, заедно со хоризонтална и вертикална сигнализација.
Изведбените работи за рехабилитација на оваа делница се очекува да започнат кон крајот на 2018 година или на почетокот од 2019 година, се наведува во општите информации за набавката објавени од ЕБОР. Проектната документација за рехабилитација на магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир ја изработи фирмата „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др.“.
Информацијата за реконструкција на патот од Крива Паланка кон бугарската граница доаѓа неколку дена по финалниот избор на изведувачите за изградба на новиот експресен пат Ранковце – Крива Паланка. Земајќи го предвид актуелниот рок за изведба, Македонија и Бугарија би добиле современо патно поврзување за три години од денес.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk