Претходна статија
Финалната сума за изградба на автопатот Кичево - Охрид ќе се знае за еден месец
Следна статија
Исцрпени средствата за субвенции за купување велосипед во Карпош

ДОНИРАНИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ: Поликлиника „Букурешт“ на романскиот архитект Еуџењу Космату

Објавено на 19.06.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Поликлиниката „Букурешт“ во скопската населба Карпош 3 е пуштена во употреба на 11 април 1965 година, заедно со трите станбени згради во населбата Тафталиџе. Ова здравствено здание е подарено за жителите на разурнатиот град од Владата на НР Романија и е изградено од градежното претпријатие „Бетон“ од Скопје“. Станува збор за една од најсовремените поликлиники изградени во тоа време на територијата на СФР Југославија, но и пошироко во регионот. Романската поликлиника со комплетната опрема можела дневно да врши 1.800 специјалистички прегледи на граѓаните од Скопје, како и да врши амбулантски услуги за 40.000 до 50.000 жители од градот.

 

*Весникот „Нова Македонија“ на насловната страница го објавил извештајот од пуштањето во употреба на поликлиниката „Букурешт“

 

Објектот бил свечено пуштен во употреба од романскиот амбасадор во Белград, Аурел Малнашан и Благој Попов, претседател на Градското собрание на Скопје. Романската поликлиника располагала со 21 специјализирана единица, така што тоа била првата здравствена установа во Скопје во која на едно место биле сместени сите специјалистички служби. Тоа значело дека со нејзиното пуштање во употреба болниот пациент за прв пат се стекнал со можноста да биде целосно испитан и да добие комплетна анализа на едно место.

 

*Весникот „Нова Македонија“ детално ја следел изградбата на донираниот објект од Република Романија

 

Романската поликлиника, заедно со трите станбени згради во Тафталиџе, претставуваат првите објекти со асеизмичко обезбедување во Скопје. Овој подарок од романскиот народ и Владата на тогашна НР Романија претставуваат едно од најзначајните донирани зданија од постземјотресно Скопје, кое и во денешни услови одигрува значајна улога во здравствениот систем на македонскиот главен град.

 

Веднаш по скопскиот земјотрес од 26 јули 1963 година, романската влада изразува желба да им подари на скопјани модерно опремена поликлиника. Првичната вредност на ова здравствено здание изнесувала околу милион долари. За таа цел, по скопскиот земјотрес на 20 октомври 1963 година во Скопје допатувала и романска делегација составена од стручњаци по градежништво и здравствени прашања, предводена од Испас Трајан, генерален директор на Дирекцијата за инвестициони вложувања во изградбата на Букурешт. Тие се запознале со конкретните услови за изведба на подарените објекти во македонската метропола.

 

Според книгата „Градителите во Македонија XVIII-XX век“ на архитект Георги Константиновски, автор на идејното решение за поликлиниката „Букурешт“ е романскиот архитект Еуџењу Космату. Станува збор за еден од најмаркантните романски архитекти од втората половина на дваесеттиот век, којшто имал активна улога во изградбата на Букурешт по Втората светска војна. Неговите реализирани дела во Букурешт го вклучуваат опсегот на неколку станбени згради, додека во 1982 година тој се искачува кон врвот на својата професионална кариера со пуштањето во употреба на хотелскиот комплекс „Букурешт“.

 

Романската асоцијација на архитекти ќе го вброи името на Еуџењу Космату во еден од најзначајните архитекти од оваа земја за периодот од 1869 до 1989 година. Ваквата селекција е направена во трудот на авторката Кристина Гоциман „Историскиот развој на романското наследство од 20 – тиот век“, објавен во 2015 година.

 

Поликлиниката „Букурешт“ функционира во рамките на ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“ како една од поликлиниките во Скопје. Станува збор за здание со приземје и четири ката. Романската поликлиника и денеска претставува објект со најголем број на специјалистички служби во рамките на ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“. Во ова здание се лоцирани специјалистички амбуланти по интерна медицина, ортопедија, оддел за дерматовенерологија, невропсихијатрија, оддел за физикална медицина и рехабилитација, офталмологија, оториноларингологија и комплетна биохемиска лабораторија.

 

*Плочата како израз на благодарност кон романскиот народ и денес опстојува на влезот во поликлиника „Букурешт“

 

Во склоп на поликлиниката функционираат кабинети за дијабетес, за електроенцефалографија, за коронарен стрес тест, аудиологија, контактни леќи, рендген дијагностика, како и Служба по медицина на труд. Во објектот е сместена и Службата за консултативно – специјалистичка здравствена заштита и службите за превентивна здравствена заштита на предучилишни деца и за детска превентивна стоматолошка здравствена заштита. Поликлиниката располага и со сопствена аптека.

 

Како резултат на фактот што Република Романија го донираше овој објект на граѓаните на Скопје, македонските власти ја имаат именувано поликлиниката по главниот романски град Букурешт, којшто во 1977 година ќе преживее слична разурнувачка катастрофа по тамошниот земјотрес.

 

 

Текст, фото и обработка на архива: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk