Со проектот „Ослободување на просторот“ (Freeing space) Македонија учествува на 16. Венециско биенале за архитектура кое почна денес и трае до крајот на ноември. Музејот на современата уметност е носител на проектот, кој го испитува наследството што го остави т.н. „Скопје 2014“. Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, денес го посети македонскиот павилјон во Венеција, оценувајќи го проектот како можност за нови согледувања за начините со кои ќе можеме да се справиме со ова наследство, кое остави белези на архитектурата на главниот град.
*Извор на фотографии: Министерство за култура
Избрани се четири простори кои, според авторите, се вткаени во архитектонската и колективната меморија на Скопје и кои претрпеле коренити промени со „Скопје 2014“, платото на Македонската опера и балет и кејот на Вардар; објектот на Владата, Поштата со телекомуникацискиот центар и објектот на МЕПСО и стоковната куќа (НА-МА) на плоштадот „Македонија“.
На претставувањето на проектот, Алаѓозовски изрази задоволство од тоа што авторите се согласиле за Венециското биенале да подготват проект кој, како што рече, ќе направи една архитектонска дисекција на таканаречениот проект „Скопје 2014“, која отвора можност за нови согледувања за начините со кои ќе можеме да се справиме со ова наследство кое де факто ќе остави белези на архитектурата на главниот град. По претставувањето во Венеција, проектот „Ослободување на просторот“ ќе се претстави пред македонската публика на почетокот на следната година.
Комесар на годинешното претставување во Венеција е Зоран Петровски, а автори на проектот се Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса, Алесандро Де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски, Александра Шулевска, Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.