Општина Неготино го поништи првичниот повик за пронаоѓање на консултант што ќе ја изработи физибилити студијата за идното зонско паркирање во овој град. На тендерот не била поднесена ниту една понуда, по што општинските власти се одлучија да објават нов повик за подготовка на овој советодавен документ. На заинтересираните компании им е оставен рок до 30 мај за да ги достават понудите за изработка на физибилити студијата, при што главен критериум за избор на најповолниот понудувач е доставената најниска цена. Со идниот документ ќе треба да се појасни кој од трите модели – избор на приватен партнер, формирање на јавно претпријатие или делегирана надлежност на ЈП Комуналец, е најсоодветен за воведување на зонското паркирање во Неготино.
Советот на општина Неготино во февруари годинава ја усвои одлуката за започнување на постапката за воведување на зонското паркирање. Основниот сообраќаен проект беше изготвен во септември 2016 година и во него е предвидено дека ќе се обезбедат околу 260 паркинг места во централното градско подрачје на Неготино. Изработката на физибилити студијата треба да ја отвори вратата за избор на моделот на стопанисување што ќе се користи при применувањето на зонското паркирање.