Деградирањето на животната средина во Македонија се потврдува и излегува на површина за домашната јавност со секој нов статистички извештај. Новиот еколошки шок го предизвика најновиот извештај на Државниот завод за статистика, во кој се наведува дека само 0,34% од испуштените води во индустријата се пречистуваат. Сето останато количество на отпадна вода од индустријата завршува во јавната канализација, акумулациите и во почвата. Податоците за 2016 година покажуваат дека вкупното количество на зафатена вода од индустриските претпријатија изнесувало 3.709 милиони метри кубни.
*Македонија систематски го уништува водниот потенцијал што го поседува – матните води на река Вардар во Демиркаписка клисура
Од нив, индустриските капацитети испуштиле вкупно 3.670 милиони метри кубни отпадни води. Притоа, симболични 13 милиони метри кубни вода се пречистуваат, додека останатите количества отпадна вода завршуваат директно во околната животна средина. Особено загрижувачки е податокот дека 5 милиони метри кубни отпадна вода од рударството и вадењето камен завршуваат како непречистени во природата, додека дополнителни 6 милиони метри кубни вода од преработувачката индустрија без користење на филтрите се пренасочуваат кон околната животна средина.
Покрај ваквите поразителни бројки, статистичарите во најновиот извештај „Користење на водите и нивна заштита од загадување во индустријата, 2016 година“ пресметале дека најголемо количество од индустриската вода, дури 71,86%, потекнува од изворите на вода во земјава. Секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација е најголемиот потрошувач на вода, којшто пред две години потрошил 3.671.000 метри кубни вода.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk