Претходна статија
Струшки „Илинден“ ќе ја реконструира улицата „Кеј Македонија“ во Охрид
Следна статија
Архитектонски конкурс за изработка на идејно решение за аква парк во Гостивар

Архитект Мимоза Несторова Томиќ реагира на рушењето на стоковната куќа „Скопјанка“

Објавено на 22.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

По бројните негативни реакции на граѓаните од Скопје во врска со рушењето на стоковната куќа „Скопјанка“ („Беко“), со свое мислење за овој чин се јави и архитект Мимоза Несторова Томиќ, авторка на ова здание во централното градско подрачје. Во реакцијата објавена на порталот за архитектура „МАРХ“ таа вели: „Првите купци на Стоковна куќа Беко, го почитуваа правилото, стручна консултација со главниот проектант за евентуалните измени. Понатаму, другите власници, ниту ги знам ниту е моја обврска да ги знам, но секако е нивна обврска да бараат дозвола за преправки во авторски архитектонски проект, а секако и дозвола за рушење“.

 

*Архитект Мимоза Несторова Томиќ беше добитничка на Наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело и особени достигнувања од областа на архитектурата и градежништвото во 2011 година

 

Ваквата реакција на архитект Мимоза Несторова Томиќ следува по почетокот на рушењето на модернистичкото здание во центарот на Скопје, на чие место би требало да никне нов комерцијален објект од приземје, мезанин и шест ката. Маркичката за новиот објект во ДУП „Мал Ринг“ предвидува нов објект со површина од 12.824 метри квадратни. Општина Центар пред еден месец ја даде дозволата за рушење на овој објект, иако општински градежен инспектор во март годинава излезе на терен и констатираше дека постапката за рушење започнала без издадено одобрение за рушење на објектот. На самиот терен со месеци наназад е поставен голем рид од земја, со чија помош, багерите се обидуваат постепено да ја срушат некогашната стоковна куќа „Скопјанка“.

 

Архитект Мимоза Несторова Томиќ во објавеното обраќање до јавноста посочува и на фактот дека Заводот за заштита на споменици и Министерството за култура немаат заштитено ниеден објект од Модерната во Скопје, ниту пак излегоа со реакција во овој случај. Рушењето на стоковната куќа „Беко“ е последното во низата негативни случаи што му се случуваа на ова здание во изминативе години. Токму Градот Скопје во 2016 година сакаше да изведе „барокна“ фасада на овој комерцијален објект, во пакет со сите останати објекти околу плоштадот „ВМРО“. Ова здание ја преживеа „барокизацијата“ од проектот „Скопје 2014“, но не и неговото рушење неколку години подоцна.

 

Стоковната куќа „Скопјанка“ („Беко“) е отворена во 1972 година. Самиот објект е со специфична конструкција – носечкиот систем е изведен со помош на кубуси за лифтови и инсталации, како и јадрата за скалишен простор со периферно поставени столбови. Првичното ентериерно уредување било ослободено од столбови, иако асеизмичноста на објектот е испочитувана. Ова здание било своевремено публикувано и во јапонско списание за сеизмика, ќе изјави авторката Мимоза Несторова Томиќ