Општина Охрид ја избра струшката фирма „Илинден АД“ за реконструкција на улицата „Кеј Македонија“, на потегот од улицата „Македонски просветители“ до пресекот со улицата „Јане Сандански“. Договорот склучен на почетокот од неделава е во вредност од 7.477.513 денари и е со времетраење од 12 месеци. Градежните работи е предвидено да се завршат во рок од 15 дена, но за датумот за почеток на изведбата ќе одлучат општинските власти. Во тендерската постапка учествувала единствено оваа градежна фирма.
Со реконструктивниот зафат е предвидено да се изгребе постојниот и да се постави нов асфалт на улицата „Кеј Македонија“. Со реализацијата на овој проект ќе се санира една од најпрометните улици во Охрид, која што се користи и како паркинг во централното градско подрачје. Тендерската постапка за реконструкцијата на оваа улица беше објавена кон средината на минатиот месец.