Македонскиот конзорциум од фирмите „Гранит“ и „Бетон“ од Скопје е избран за изведувач на втората подделница од идниот експресен пат Ранковце – Крива Паланка. Станува збор за делницата од Длабочица до Крива Паланка, во должина од 9 километри. Вредноста на склучениот договор со Јавното претпријатие за државни патишта изнесува 1.870.748.000 денари, односно околу 30,3 милиони евра. Рокот за изведба на втората подделница од новиот експресен пат е три години, се наведува во известувањето на „Гранит“ објавено на веб – страницата на Македонска берза.
Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка е составен дел од патниот Коридор 8, со којшто во значителна мерка ќе се намали времето за патување меѓу Скопје и Софија. Целосно новата траса до Крива Паланка е со должина од 23 километри. Првата подделница од Ранковце до Длабочица ќе ја гради италијанската фирма „Tirrena Scavi“. Во овој капитален проект ќе се вложат 58,1 милион евра од подигнатиот кредит од Светската банка.
По изборот на изведувачите на двете подделници треба да започне и изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка. Реализацијата на овој проект следува само неколку дена по почетокот на изведбата на втората фаза од експресниот пат Градско – Прилеп и на новиот експресен пат Штип – Радовиш.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk