Претходна статија
Кнауф решенијата за акустика промовирани во новиот објект на Македонска Филхармонија
Следна статија
Автобусите имале помалку патници на почетокот од годинава

Тендер за втората фаза од проектот за наводнување на Јужната долина

Објавено на 21.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го објави јавниот повик за избор на изведувач што ќе ја гради втората фаза од проектот за наводнување на Јужната долина на Вардар. Проектот предвидува изградба на водостопанска структура за пренасочување на реката Вардар, рехабилитација на водозафатот и целосно автоматизирана пумпна станица. Ќе се гради главен гравитационен цевковод со 4 препумпни станици и ќе се модернизира мрежата за наводнување. Заинтересираните фирми имаат рок до 4 јули за да ги достават понудите за изведба на овој инфраструктурен зафат.

 

Системот за наводнување се наоѓа во Општина Валандово и покрива наводнувана површина од 2.032 хектари. Четирите препумпни станици ќе обезбедат вода за 1.080 хектари во долната зона и 952 хектари во горната зона. „Бенефит ќе имаат 1.300 домаќинства или 4.500 граѓани кои живеат во атарот на селата Удово, Јосифово и Пирава. Изградбата на новиот систем за наводнување ќе обезбеди континуирано снабдување со вода за наводнување 24 часа, 365 дена во годината“ изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

 

Изведбата на втората фаза се очекува да започне во средината на септември, додека рокот за нејзина изградба е 21 месец. Со градежните работи ќе биде опфатена реконструкцијата на пумпната станица кај селото Страиште, како и на шахтите и главните хидранти за наводнување. Реализацијата на проектот за наводнување на Јужната долина на Вардар беше одобрена во декември 2017 година од германската банка „KfW“, која издвои дополнителни средства од 4.000.000 евра во форма на грант. Владата на Сојузна Република Германија со издвоените средства преку „KfW“ банката учествува со 70% од неопходните средства за изградба на системот за наводнување, додека останатите средства ги обезбеди македонската влада.