Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави повик за изработка на физибилити студија за изградба на систем за наводнување на Строшка река во општина Долнени. „Во средниот и горниот тек на Строшка река има повеќе од 1.000 хектари земјоделски површини кои во изминатиот период не се наводнуваат, а земјоделското производство е главно житни култури и тутун. Основната цел на студијата е да се истражат можностите за наводнување на површините во атарот на селата Стровија, Гостиражни, Црнилиште и Костинци“ се наведува во распишаниот повик.
Со советодавниот документ ќе треба да се утврдат параметрите за техничка изводливост на потребните објекти, да се утврди цената за нивна изградба и да се донесе одлука за идните активности. Консултантите ќе треба да го изберат најсоодветното решение за овој проект – изградба на брана на Строшка река, прифатни – компензациони базени, зафат на Строшка река или зафати и доводни канали. Покрај овие варијанти, физибилити студијата ќе треба да ја определи и сумата по која ќе треба да се градат главниот цевковод и разводната мрежа од идниот систем за наводнување.
Од државниот буџет за оваа намена е проценето дека ќе се издвојат околу 3,6 милиони денари. Заинтересираните консултантски фирми имаат рок до 7 јуни за да ги достават понудите за учество во тендерската постапка. Изработката на физибилити студија ќе се заврши во рок од 5 месеци по склучувањето на договорот со најповолниот понудувач од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.