Скопската цементарница „Усје“ во периодот јануари-март 2018 година остварила добивка од 94.873.000 денари, што е за околу 16 милиони денари помалку во однос на истиот период од претходната година. Според податоците од неконсолидираниот и неревидиран финансиски извештај, главната причина за ваквото намалување се намалените оперативни приходи наспроти растот на оперативните расходи во овој временски период. Главна причина за намалување на добивката се намалените приходи од продажба на домашниот пазар (вкупно 428.539.000 денари) и на странските пазари (194.460.000 денари).
Наспроти приходната страна, во финансискиот извештај се бележи огромен раст на набавната вредност на производните стоки, која во првиот квартал е заокружена на 120.990.000 денари. Зголемување на расходната страна е регистрирано и кај трошоците за суровини и други материјали (302.204.000 денари), услугите со карактер на материјални трошоци и останати расходи од работењето.