Негативен тренд во финансиското работење на компанијата „Адинг“ за првиот квартал од 2018 година. Сеопфатната загуба од работењето достигнала 4.673.000 денари, што е значителен пад во споредба со остварениот профит од идентичниот период лани. Оперативните приходи во периодот јануари – март 2018 година биле заокружени на 49.274.000 денари и бележат позабрзан пад од оперативните расходи, кои во овој период биле заокружени на 56.952.000 денари.
Главна причина за остварената загуба во работењето лежи во намалувањето на приходите од продажбата на домашниот и на странските пазари, се наведува во неконсолидираниот и неревидиран финансиски извештај објавен на веб – страницата на Македонска берза. Приходите од продажба на домашниот пазар се намалиле на 32.181.000 денари, додека во странство е остварена продажба на производи во вредност од 16.093.000 денари. Во делот на расходите, пораснале трошоците за вработените, услугите со карактер на материјални трошоци и амортизацијата на материјални и нематеријални средства.