Премиерот Зоран Заев, тетовската градоначалничка Теута Арифи и бројни други гости присуствуваа на вчерашното отворање на првиот хотел на меѓународниот бренд „Mercure“ во земјава. Хотелскиот комплекс во Тетово е сместен во објект со 13 ката и располага со 101 соби и апартмани. Објектот поседува 5 конференциски сали за состаноци, ресторан, бар, велнес центар и други содржини. „Орбис Хотел Груп“ влегува во партнерство со Ренова ДОО како сопственик и инвеститор при изградбата на овој хотел. Вредноста на инвестицијата изнесува 8 милиони евра, при што во хотелот ќе се вработат 80 лица.
*Извор на фотографија: Влада на Р.М.
„Оваа инвестиција е една од најголемите во западна Македонија, ќе ги вложиме сите напори да ја оправдаме и да го промовираме и развиеме туризмот во овој дел од државата, благодарејќи на Шар Планина и опкружувањето кое крие во себе неверојатни можности“ изјави Шефки Идризи, главен инвеститор и сопственик на хотелот „Меркур“ во Тетово. Најновиот хотел во Тетово е дел од хотелскиот синџир на групацијата „Accor“, која располага со над 4.000 хотели низ целиот свет.