Европската конференција за блатни екосистеми, која што во изминативе денови се одржа во Охрид, може да биде пресвртна точка за заштита на Студенчишкото блато. Врз основа на својата експертиза и посетата на овој локалитет, околу 50 европски научници изготвија и едногласно ја усвоија Декларацијата за заштита на екосистемот на Охридското езеро. Друштвото на научници за блатни екосистеми ги повика локалната и централната власт на Македонија да го прогласат езерскиот систем за блатен екосистем од меѓународна важност под Рамсарската конвенција.
*Извор на фотографија: Ohrid SOS
Научниците ги повикуваат властите да изготват и да спроведат акциски план за заштита на Студенчишкото блато и за негова итна ревитализација, вклучувајќи замена на постоечкото шеталиште со дрвена патека за да се надмине раздвојувањето на блатото од самото езеро. Европските експерти побараа сериозна ревизија на практиките за управување со водите околу Охридското езеро, но и ја повикаа локалната власт од Охрид да развие повеќе атракции за природен туризам во регионот.
Од Ohrid SOS соопштуваат дека охридскиот градоначалник се обврзал да ги имплементира препораките од стручната фела за заштита на Студенчишкото блато, додека македонската влада ја усвоила иницијативата за Рамсарската номинација и заштита на блатото. „Остатокот од Студенчишко блато е суштински важен и многу вреден поради биолошката разновидност, добро одржаните неколкуметарски слоеви тресет, единствениот целосно функционален блатен систем кој се граничи со Охридското езеро и обезбедува многубројни екосистемски услуги“ се наведува во соопштението на Ohrid SOS.