Граѓаните и активистичките иницијативи во иднина ќе имаат поголем рок и можности за реакција при изготвувањето на деталните урбанистички планови низ македонските општини. Ова е само дел од предложените измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање, којшто пред неколку дена беше поднесен од група на пратеници од владејачките партии СДСМ и ДУИ. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање би се гласал по скратена постапка.
Меѓу најзначајните измени, со членот 5 од Предлог законот се менува постојниот член 35 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со кој се уредува прашањето на јавната презентација и јавната анкета за предложените детални урбанистички планови. По добивањето на стручно мислење, со ставот 8 се зголемуваат роковите за јавната анкета при што се овозможува подолго времетраење на јавната анкета, поголема достапност и увид во плановите од страна на заинтересираните страни.
„Со ставот 6 од истиот член на Предлог законот со кој се менува ставот 6 од Законот, се предлага одобрувањето на планската програма заверена од изработувачите, заедно со предлогот за одобрување или неприфаќање од комисијата за урбанизам и потврда за заверка од градоначалникот на општината, градоначалникот на општината во градот Скопје односно од министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, кога се одобрува, да се доставува во информацискиот систем е – урбанизам“ се наведува во образложението на Предлог законот.
Со членот 11 од Предлог законот кој се однесува на член 72 од Законот каде е уредено прашањето за уредување на просторот за градби со намена домување во станбени куќи процентот на изграденост на градежната парцела и висината на градбата, со Предлог законот ставот 1 се брише, додека ставот 2 се менува. Пратениците предлагаат и нова преодна и завршна одредба, со која се опфаќаат урбанистичките планови и урбанистичко – планските документации кои не се предвидени со членот 119 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Сите заинтересирани граѓани и претставници на професионалната фела можат да го прочитаат Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко и просторно планирање на следниов линк.