Во Музејот на град Скопје утре, 7 мај, со почеток од 20 часот, ќе биде отворена изложбата од истражувачкиот проект „Скопските вертикали“ на авторите Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков. Скопската публика на претстојниот настан ќе може да се запознае со изработената поставка, составена од макети, графички и фотографски материјали на висококатници изградени во Скопје во текот на дваесеттиот век. Како составен дел од истражувачкиот проект, авторите имаат изготвено книга во која е прикажан архивски, документарен и аналитички графички материјал за триесетина изградени примери на архитектонската типологија на скопски висококатници.
„Основна цел на истражувачкиот проект ‘Скопските вертикали’ беше документирање, проучување и претставување на истакнати примери на архитектонското творештво од периодот на Модерната, значајни за урбаниот развој на градот Скопје“ се нагласува во краткиот приказ на авторите за претстојната изложба. Настанот е во организација на Музејот на град Скопје, а раководител на проектот е Фросина Зафировска, кустос советник. Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.