Градот Скопје го пушти во пробно возење новиот електричен автобус на градската линија со број 15. Пред неполни три месеци беше потпишан договор со компанијата Chariot Motors за пробно користење на овој автобус во период од 6 месеци. ЕВН во изминатиов период постави две станици за полнење на електрични автобуси во населбите Ново Лисиче и Карпош 4. „Станува збор за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови што го загадуваат воздухот“ вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Искуствата стекнати со користењето на овој електричен автобус ќе бидат искористени при набавката на нови превозни средства за ЈСП – Скопје и приватните превозници. За оваа намена од годинешниов градски буџет се издвоени финансиски средства за субвенции во износ од 120 милиони денари.