Советот на општина Центар го продолжи мораториумот за градење за дополнителни два месеца во централното градско подрачје. Со изгласаната одлука се запира спроведувањето на 31 Детален урбанистички план на територијата на општина Центар. Разгледувањето на целокупната урбанистичко – планска документација е во завршна фаза, додека при нејзиното донесување е предвидено да се земат предвид забелешките од советниците и од граѓаните. Со претстојната ревизија на урбанистичката документација е зацртано да се овозможи хумано живеење, надминување на урбаните бариери на лица со попреченост, услови за паркирање, заштита и унапредување на животната средина и поквалитетно осветлување.
Најновата одлука на општинските власти од Центар претставува трето продолжување на мораториумот за градење во централното градско подрачје. Ваквата одлука стапи на сила на 28 декември 2017 година и со неа беше предвидено да се анализира законитоста во постапувањето при реализацијата на урбанистичките планови.