Наместо во скопската населба Бардовци, новиот Универзитетски клинички центар да се гради во општина Петровец. Наспроти официјалниот став соопштен од македонската влада, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски предлага највисоката здравствено-научна установа во земјава да се смести на територијата на општина Петровец. Тој смета дека околу оваа приградска општина на главниот град гравитираат четири големи градови, но и општини чии вкупен број на жители е околу 970.000. Пратеникот Димовски смета дека општина Петровец е во инфраструктурно најдобра позиција, со четири автопатски правци и аеродром.
„Предлог иницијативата ќе биде понудена на поддршка на пратениците од сите политички партии со надеж дека ќе биде прифатена како надпартиска и со исклучителна намера да се донесат правилни одлуки во интерес на граѓаните на Република Македонија. Предлог иницијативата ќе биде доставена до Владата на Република Македонија и Министерството за здравство, со надеж дека ќе биде разгледана и прифатена“ нагласува во пратеникот Илија Димовски во неговиот предлог објавен на социјалните мрежи.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска го поддржа предлогот на нивниот пратеник, но од македонската влада и од владејачката партија не следуваше никаква реакција. Ваквиот предлог следува откако извршната власт во март годинава го задолжи Архитектонскиот факултет при УКИМ да формира стручна комисија и да го спроведе јавниот конкурс за избор на идејно решение за новиот Универзитетски клинички центар во Бардовци. Изборот на оваа локација беше предложен и поддржан од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, по што владата го прифати ваквиот став на стручната фела од земјава.