Општина Крушево ги добива финансиските средства од 10 милиони денари за изградба на спомен обележје на Тоше Проески во овој град. Како што информираат од владината прес – служба, владата на денешната 65 – та седница на предлог на Министерството за култура ја усвоила предлог програмата за користење на овие средства за предвидениот иден споменик во Крушево. Неопходните средства за оваа намена се предвидени со државниот буџет за 2018 година.
Со најновата одлука на македонската влада во Крушево ќе се издигне ново обележје на прерано загинатиот пејач од овој град. Идејата за изградба на споменик на Тоше Проески во неговото родно Крушево се провлекува како нереализиран проект со години наназад од страна на државата. Во овој македонски град веќе постои спомен – куќа посветена на Тоше Проески, која што беше отворена за посетителите на 25 април 2011 година.