Општина Аеродром ќе гради нов парк спроти основното училиште „Блаже Конески“. „Старите игралишта што се наоѓаат на оваа локација во моментов имаат оштетени реквизити, урбаната опрема тука е застарена и нефункционална, а зеленилото запуштено“ информираат општинските власти. Општина Аеродром кон крајот на јануари годинава го објави огласот за изработка на проект за хортикултурно и партерно уредување на паркот Мичурин. Ова оштетено зеленило се протега на површина од 3.573 метри квадратни, а за негова идна ревитализација се издвоени околу 9.000.000 денари од општинскиот буџет.
*Извор на фотографија: Општина Аеродром
Новиот проект ги вклопува постојните елементи, односно детското и спортското игралиште, патеките и дрвјата и предвидува нивна целосна обнова, односно поставување нови и дополнителни реквизити и урбана опрема. Идејното решение максимално ќе ги користи постојните зелени површини, а проектирани се и нови зелени површини и богато хортикултурно уредување.
Од општина Аеродром информираат дека изградбата на паркот во Мичурин ќе започне веднаш по изработката на основниот проект и добивањето одобрение за градење.