Од Табановце до Гевгелија од денеска ќе се патува по автопат. По шест години изградба, пуштен е во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица во должина од 28,2 километри. „Оваа делница од автопатот „Пријателство“ во себе ја има вградено и приказната, искрената приказна, за поддршка и соработката, помеѓу Република Македонија и Европската Унија“ изјави премиерот Зоран Заев, заблагодарувајќи се на поддршката што Европската Унија ја обезбедува во развојот на инфраструктурата на земјата. Во изградбата на новиот автопат се вложени вкупно 227 милиони евра.
„Овој автопат ќе го олесни движењето, ќе го поттикне економскиот развој и ќе обезбеди одржливо и побезбедно патување“ рече генералниот директор за соседски политики и преговори за проширување во Европската Комисија, Кристијан Даниелсон. Со денешниот настан беше означен и почетокот на кампањата „ЕУ за тебе“ за инвестициите на Европската Унија во транспортната инфраструктура. Во изминативе неколку години се вложени речиси 325 милиони евра во македонската инфраструктура.
Со финансиски средства од ЕУ се изградени и обновени над 100 километри автопатска мрежа, 64 километри патишта во повеќе од 40 општини и 60 населени места, 16 километри железничка пруга и 11 железнички станици. Меѓу сите овие проекти е вброен и автопатот Демир Капија – Смоквица, којшто го изгради грчката градежна фирма „Актор“.
Долж трасата на овој автопат се изведени над 8 милиони кубни метри високи насипи и длабоки ископи во теренот, како и 6 моста, близу 100 канали, 2 сообраќајни клучки и 2 двојни тунели со должина од над 1,2 километри. Покрај современото енергетски ефикасно осветлување, во тунелите се инсталирани и систем за вентилација, за детекција и гаснење на пожар, за резервно напојување со електрична енергија, како и SCADA систем за мониторинг и управување со сообраќајот.
Европската Унија и во наредниот период планира да го поддржува финансиското и енергетското поврзување на Западниот Балкан, што е воедно и една од шесте приоритетни иницијативи во новата Стратегија на Европската Унија за поддршка на трансформацијата на Западен Балкан. За оваа цел е предвидено да се издвојат над 1 милијарда евра, вклучувајќи ги тука и средствата предвидени за развојот на инфраструктурата во Македонија.