Претходна статија
Еколозите бараат од премиерот да стави мораториум на градењето во Охридскиот регион
Следна статија
Нов автобус на гас пробно ќе сообраќа на линијата со број „2“

Македонија како во камено доба – 87,2% од фрлениот отпад лани бил неселектиран!

Објавено на 22.04.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Министрите и градоначалниците едно ветуваат, додека реалните статистички податоци покажуваат други поразителни резултати. Селекцијата и третманот на отпадот во Македонија и во 2017 година е со достигнати африкански стандарди. 87,2% од собраниот отпад низ земјава завршил на депониите како измешан комунален отпад (вкупно 554.280 тони), што значи дека селекцијата на ѓубрето останува мислена именка за македонските домаќинства и стопански субјекти. Лани сме создале за 1,3% помалку отпад во споредба со 2016 година, односно вкупно 786.881 тони.

 

*Расфрланиот отпад е стандарден „пејсаж“ во Скопје и низ останатите македонски градови

 

Од друга страна, катастрофалната состојба со третирањето на отпадот не може да се согледа единствено преку неселектирањето на создаденото ѓубре. Од 786.881 тони создаден комунален отпад, комуналните претпријатија успеале да соберат вкупно 635.875 тони. Притоа, најголемо количество на собраниот комунален отпад (99,4%) се отстранува на депониите низ земјава. Сепак, останува да лебди и загрижува прашањето каде завршуваат останатите над 150.000 тони создаден отпад, којшто не е собран од домаќинствата и од правните субјекти.

 

Одговорот на ова дилема можат да ја дадат статистичките податоци што говорат дека 22% од населението во земјава не користи комунални услуги, односно нивното ѓубре завршува во блиската животна средина или на друг начин се транспортира до депониите. Притоа, од она што е собрано како топад, минорни се статистичките бројки за селектираниот отпад. Во 2017 година се собрани 8.740 тони хартија, 2.208 тони стакло, 9.262 тони пластика, 1.949 тони метал, 1.007 тони гума и 8.181 тони текстил, коишто би можеле да поминат во процес на преработка и рециклирање по нивната селекција. Сепак, Државниот завод за статистика во нивниот извештај не дава податоци за тоа колкав процент од селектираниот отпад е и преработен од индустриските капацитети во нашата земја.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk