Општина Битола во текот на еден месец успеа да распише тендер и самата да си го поништи поради битни пропусти или недостатоци во тендерската документација. Поништен е огласот за избор на фирма што ќе го изработува идејниот и основниот проект за изградбата на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа со максимална должина од 25 километри. Локалната самоуправа ја поништи тендерската постапка пред датумот на отворање на доставените понуди од заинтересираните компании, којшто беше закажан за 23 април. Во објавеното образложение на општинските власти се нагласува дека тендерската документација содржела битни пропусти или недостатоци до моментот на отворање на понудите.
Општинските власти уште пред неколку месеци си поставија за цел да ја изработат проектната документација за гасоводната мрежа низ Битола во текот на оваа година. Со одолговлекувањето на оваа постапка се одложува за неколку месеци изработката на идејниот и основниот проект за претстојниот инфраструктурен зафат. Од годинешниот буџет на Општина Битола се издвоени 15 милиони денари за гасификација на Битола, која што најпрво треба да започне со комплетирање на проектната документација. Магистралниот гасовод до Битола треба да пристигне најдоцна до 2020 година.