Во пресрет на одбележувањето на 55 – годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје, граѓаните преку социјалните мрежи повикуваат на враќање на пораката на Тито за постземјотресната обнова на Скопје. „Пораката од Јосип Броз Тито, која беше поставена на урнатините на железничката станица, заедно со часовникот застанат во времето на катастрофата станаа знаменитост на Скопје и неизбежен дел од градскиот идентитет“ посочуваат од иницијативата „Да се врати пораката на Тито за солидарност по скопскиот земјотрес во 63та“.
„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Со помошта на целата наша заедница, тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност“ беа зборовите на Тито што со децении ги негуваа сеќавањата на Скопјани за постземјотресната обнова на главниот град. Денеска оваа порака намерно е тргната од ѕидот на Музејот на град Скопје од претходното градско раководство, заедно со смисленото бришење на колективната меморија за овој важен историски период од развојот на градот.
Поддршка на иницијативата за враќање на пораката на Тито за постземјотресната обнова на Скопје можат да ја дадат сите граѓани на следниов линк.