Охридската локална самоуправа го објави тендерот за пронаоѓање компанија што ќе ја изведува реконструкцијата на дел од улицата „Кеј Македонија“ во центарот на Охрид. Станува збор за потегот од пресекот со улицата „Македонски просветители“ до пресекот со улицата „Јане Сандански“, којшто претставува една од најфреквентните улици во градот и локација за паркирање на возила. Од општинскиот буџет е проценето дека ќе се издвојат околу 7,5 милиони денари за оваа намена. За реконструкција на улицата „Кеј Македонија“ ќе се склучи договор со времетраење од една година, додека рокот за изведба на градежниот зафат е 15 дена по воведувањето во работа на изведувачот.
*Улицата „Кеј Македонија“ ќе се реконструира од постојниот паркинг кај Летница до улицата „Јане Сандански“
Општина Охрид ќе очекува понудите од заинтересираните фирми да се достават најдоцна до 3 мај, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Со претстојниот градежен зафат ќе се санира коловозот на оваа значајна охридска улица, која што не е обновена со години наназад.