Скопје ќе го добие еден од најскапите пешачки мостови во Европа. Градот одлучи да продолжи изградбата на Панорамското тркало, но само како пешачки мост. Како што информира порталот „СДК.МК“, градските власти веќе се договориле со изведувачот „Бетон“ од Скопје за да не го уриваат подигнатиот објект во центарот од Скопје, туку од него да направат пешачки мост за дополнителни 3,1 милиони евра. Градоначалникот Петре Шилегов во изјавата за порталот се правда дека нема да се исплатат бараните 7 милиони евра за изградба на тркалото од „Скопје 2014“, туку за новодизајнираниот модерен мост ќе се доплатат 3,1 милиони евра.
„Бетон“ во летото 2014 година склучи договор вреден 18,3 милиони евра за изградба на Панорамско тркало во централното градско подрачје. На изведувачот веќе му се исплатени 10 милиони евра, при што крајната цена на пешачкиот мост ќе се искачи на 13,1 милиони евра со најновиот договор на Градот Скопје и изведувачот на работите. Кон крајот на минатата година, новата градска администрација ја сопре изградбата на Панорамското тркало, тврдејќи дека во овој објект залудно се потрошени милионски суми на средства.