Скопските градски власти годинава планираат да засадат повеќе од 10.000 нови висококвалитетни садници на јавните површини во главниот град. Пролетната акција опфаќа засадување на повеќе од 2.000 садници, а екипи на Ј.П. „Паркови и зеленило“ денеска работеа на засадување на 16 дрвја од видот јавор на булеварот „ВМРО“. Градоначалникот Петре Шилегов објаснува дека тековниот проект треба да врати дел од загубеното зеленило во Скопје, уништено во изминатите години. Според истражувањето на состојбата на зеленилото во Мал Ринг, зеленилото од овој дел на градот е намалено за 50% како резултат на градењето врз зелени површини во рамките на проектот „Скопје 2014“.
*Извор на фотографија: Град Скопје
Покрај засадувањето на новите дрвја, оформениот дрворед на булеварот „ВМРО“ ќе биде надополнет со 16 подни тротоарски дренажни решетки, со кои ќе се наводнува новото зеленило. „По завршувањето на пролетната акција, продолжуваме наесен, со засадување нови 8.000 дрвја, со што Скопје оваа година ќе добие повеќе од 10.000 нови висококвалитетни садници“ изјави градоначалникот Шилегов.