12 милиони евра од државниот буџет ќе бидат издвоени за проектот за рехабилитација на хидро мелиоративниот систем „Дебарско поле“. Градежните работи за изведба на новата пумпна станица ќе започнат во септември годинава, а во наредните фази ќе се градат и каналите за наводнување на околу 2.000 хектари земјиште во околината на Дебар. За реализацијата на проектот веќе е изготвена студија и основен проект, коишто ќе бидат употребени за претстојните градежни работи.
Проектната документација за рехабилитација на системот за наводнување „Дебарско поле“ беше изработена од фирмата „БАР Е.Ц.Е“ од Скопје. Основниот проект е завршен уште во текот на минатата година и за неговата подготовка се издвоија над 7 милиони денари. Рехабилитацијата на овој систем ќе овозможи повторно засадување на земјоделски култури во дебарскиот регион, којшто самиот се простира во околина со изобилие на вода.
Досегашниот систем за наводнување на функционира веќе една деценија поради кражбите на пумпи, трансформатори, градежни материјали и други делови од инфраструктурниот објект. Системот за наводнување „Дебарско поле“ е изграден во 1972 година и со него било предвидено да се наводнуваат само 600 хектари плодно земјиште.