Претходна статија
Во септември почнува рехабилитацијата на системот за наводнување „Дебарско поле“
Следна статија
Завршени 20% од изградбата на првата фаза на експресниот пат Штип - Кочани

Град Скопје објави повик за субвенции за набавка на печки на пелети

Објавено на 06.04.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Скопските домаќинства и годинава ќе ја имаат можноста да повратат дел од инвестираните средства во купување на нови печки за греење на пелети. Градот Скопје вчера објави јавен повик за субвенционирање на набавката на овие грејни тела. На граѓаните ќе им се надоместат до 70% од трошоците направени при набавка на печки за греење на пелети, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен данок. Повикот ќе трае до 21 мај или до исцрпување на предвидените средства за оваа намена од буџетот на Град Скопје. Доделувањето на субвенциите ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен“.

 

 

На јавниот повик можат да учествуваат сите жители на скопските општини што потпаѓаат под ингеренции на Градот Скопје. Сепак, право на субвенции ќе немаат оние граѓани што живеат во станбен објект со приклучок на централното греење, без разлика дали го користат или не. Воедно, на јавниот повик ќе бидат одбиени и сите апликации од граѓани што се однесуваат на објекти што се во фаза на градба и на објекти во кои граѓаните не живеат.

 

По набавката на печката за пелети, заинтересираните граѓани треба да достават барање за поврат на дел од инвестираните средства. Заедно со барањето за надоместок, треба да се достави фотокопија од лична карта, изјава заверена на нотар дека граѓанинот или член на неговото семејство нема искористено право на поврат на средства од некој друг извор, фотографија од дотогашната печка на дрва, јаглен, нафта или мазут што се користела, фискална сметка или фактура за набавеното ново грејно тело, фотокопија од трансакциска сметка и фотокопија од број на поднесено барање до архивата на Град Скопје за издавање на потврда за платен данок на имот до 2017 година.