Наместо да се воспостави редовна авионска линија меѓу Скопје и Атина, се укинуваат постојните автобуски и железнички врски меѓу двете соседни земји. По укинувањето на утринскиот автобус меѓу Скопје и Солун, од 1 април не сообраќа ниту експресниот воз на оваа релација. Како по обичај, ваквата вест не е објавена на веб – страницата на Македонските и на Грчките железници, туку на сајтот на „Србија воз“. „Почнувајќи од 1 април 2018 година, возовите 334 и 335 сообраќаат на релација Белград – Гевгелија – Белград. На релација Гевгелија – Солун – Гевгелија нема да биде организиран автобуски превоз на патниците“ се вели во краткото соопштение.
*Возот „Хелас експрес“ во Демиркаписката клисура; Фото: Архива на „Билд.
Со ваквата одлука на Грчката државна железница, патниците меѓу Скопје и Солун ќе бидат приморани да го користат попладневниот автобус на „Симеонидис турс“, иако и неговото сообраќање не може да се пронајде во актуелниот возен ред на Скопската автобуска станица. На граѓаните од нашата земја им останува единствено да го користат автомобилот како превозно средство за да патуваат во Грција, или, пак, да ги плаќаат енормно високите цени на такси превозот меѓу Гевгелија и Солун. Во информацијата за укинување на меѓународниот воз „Хелас експрес“ не се наведени причините поради коишто нема да сообраќа возот меѓу Гевгелија и Солун.
Бројни македонски граѓани патуваат често кон Солун по работа, студирање или патување од солунскиот аеродром. Проблемите со сообраќањето на возот започнаа уште на почетокот од годинава. Грчките железници најпрво се одлучија само за викендите да го пуштаат возот на релација меѓу Гевгелија и Солун, додека останатите денови сообраќаше автобус меѓу овие два града, а патниците се префрлаа во воз на железничката станица во Гевгелија. Во меѓувреме, „Македонија сообраќај“ престана да сообраќа меѓу Скопје и Солун уште на почетокот од февруари годинава.
Кратењето на транспортните врски меѓу Македонија и Грција трае со години наназад. До пред седум години, меѓу Скопје и Солун сообраќаа два меѓународни воза – „Хелас експрес“ и „Балкан“, заедно со редовните автобуски линии. Од завчера па сѐ до неопределен период во иднината, Македонија и Грција ќе немаат редовно транспортно поврзување ниту со автобус, ниту со воз.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk