Раскопаната главна улица и дупките на коловозот наскоро ќе станат минато за жителите на општина Шуто Оризари. Градот Скопје денеска го распиша огласот за изработка на проект за реконструкција на улицата „Индира Ганди“ (поранешна „Шуто Оризари“). Проектната документација е прв чекор пред идната санација на коловозот и тротоарите на главната сообраќајница во оваа скопска населба. Планирано е да се санира целиот потег во должина од околу 2.700 метри, на потегот од крстосницата со булевар „Босна и Херцеговина“ до скопската обиколница. За изготвување на проектот за реконструкција ќе бидат издвоени околу 500.00 денари од градскиот буџет. По изготвувањето на неопходната документација, Градот Скопје треба да пристапи кон санација на оваа сообраќајница.
Ваквиот чекор на градските власти доаѓа по минатогодишната изградба на атмосферска канализација на улицата „Индира Ганди“. Атмосферска мрежа во должина од 942 метри се изгради на дел од трасата на оваа сообраќајница. По нејзината изведба, главен проблем за жителите на населбата останаа дотраениот коловоз и уништените тротоари, коишто го оневозможуваат нормалното движење на возила и пешаци низ населбата.