Компанијата „Адинг“ од Скопје го заокружи работењето во 2017 година со позитивен финансиски резултат. Според консолидираниот и неревидиран извештај објавен на веб – страницата на Македонска берза, ланската сеопфатна добивка на оваа фирма изнесувала 2.758.000 денари, но притоа истата била намалена за повеќе од три пати во споредба со периодот јануари – декември 2016 година. Оперативните приходи од работењето на „Адинг“ се заокружени на 430.399.000 денари, додека оперативните расходи изнесувале 419.715.000 денари.
И покрај ова, финансискиот извештај покажува дека тековните и долгорочни обврски на „Адинг“ опаднале во текот на 2017 година. Компанијата лани инвестирала во недвижности, но и вложила речиси двојно повеќе во своите подружници во однос на претходната година. Вкупниот капитал на оваа компанија на крајот од 2017 година изнесувал 326.360.000 денари. „Адинг“ е специјализирана компанија за производство на адитиви и други хемиски материјали за градежништво.