Со изведба на претоварна станица за отпад ќе се решава проблемот со струшката депонија. Општина Струга објави оглас за пронаоѓање изведувач што ќе ја гради претоварната станица за комунален отпад, која што ќе има капацитет да обработи 45 тони на час. Објектот и целокупната опрема ќе бидат лоцирани во рамките на постојната депонија во Струга. Заедно со набавката на опремата и нејзината инсталација, од идниот изведувач се очекува да понуди и транспорт на компресираниот комунален отпад од струшката депонија до депонијата „Дрисла“ во Скопје.
*Наместо по ѓубре, Општината се надева дека ќе го врати некогашниот епитет за Струга како чист град
Како што се наведува во тендерот објавен на веб – страницата на Бирото за јавни набавки, идната претоварна станица е проценето дека ќе го чини струшкиот општински буџет околу 24 милиони денари. Идниот договор со најповолниот понудувач е со времетраење од 12 месеци, при што избраната компанија ќе треба да ја изведе и пушти во употреба претоварната станица во рок од 45 дена по нарачката издадена од општина Струга. Заинтересираните компании имаат рок до 23 април за да ги достават своите понуди до општинските власти.
Напластениот отпад на депонијата во Струга се наоѓа во непосредна близина на самиот град. Минатата година со месеци беше актуелен проблемот со потпалување на депонијата, што предизвикуваше големи проблеми со загадувањето на воздухот во градот.