Претходна статија
Пуштен во употреба новиот објект на Кривичниот суд во Скопје
Следна статија
Проблемот со струшката депонија ќе се решава со изградба на претоварна станица

Ќе се изработува проект за гасификација на Битола

Објавено на 03.04.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Општина Битола го објави огласот за пронаоѓање на компанија што ќе го изработи идејниот и основниот проект за изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа, заедно со ревизија на документацијата и вршење на проектантски надзор при изведбата на подземната инфраструктура. Тендерот вреден 9,3 милиони денари ќе ја обезбеди неопходната документација за изградба на гасоводната мрежа во Битола, чија идна должина би изнесувала 25 километри. Идејниот проект ќе биде готов за четири месеци по потпишувањето на договорот со идниот проектант.

 

*Битола ќе почне да се гасифицира по изработката на проектната документација

 

Основниот проект е предвидено да се изработи во рок од три месеци по комплетирањето на идејниот проект, и тоа за секоја одделна фаза. Проектантските бироа имаат рок до 23 април за да ги поднесат своите понуди за учество во тендерската постапка. Со комплетирањето на проектната документација, општина Битола до крајот на годинава и директно ќе ја отвори можноста за изведба на секундарната дистрибутивна гасоводна мрежа во Битола.

 

Како што веќе беше најавено, општинските власти од годинешниов буџет издвоија 15 милиони денари за гасификација на Битола. Изведбата на дистрибутивната мрежа низ градот би се реализирала неколку години, но главен предуслов за нејзиното пуштање во функција е доведувањето на природниот гас во Битола. Магистралниот гасовод од Неготино до Битола треба да биде изграден најдоцна до 2020 година.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk