Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов извршија увид во реконструкцијата на автопатската делница од Неготино до Демир Капија. Градежните работи од десната страна, од правецот од Неготино кон Демир Капија, е предвидено да се завршат во текот на наредниот месец, додека до средината на јуни треба да се комплетира и обновата на делницата во правецот од Демир Капија кон Неготино. Градежните работи ги изведува фирмата „Гранит“ од Скопје, а инвестицијата е во висина од 5 милиони евра.
Автопатската траса од Неготино до Демир Капија во должина од 15,4 километри е последниот градежен зафат на патниот Коридор 10, со што претстојното лето во целост ќе се обезбеди модерен автопат на потегот од Табановце до Гевгелија. Министерот Сугарески појасни дека во изминатиов период во целост е санирана делницата од Миладиновце до Куманово во двата правци, како и делницата од Велес до Градско. Во текот на април ќе биде пуштен во употреба и новиот автопат од Демир Капија до Смоквица.