Претходна статија
Ќе се изготвуваат проекти за нов булевар „Хрватска“ и продолжување на „Љубљанска“ кон Злокуќани
Следна статија
Велешките населби Превалец и Оризари ќе добијат реконструиран водовод

Владата еднострано го раскинува договорот за изградба на рудникот „Казандол“

Објавено на 27.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

„Здравјето на граѓаните е над било кој приватен интерес“, со овие зборови премиерот Зоран Заев денеска го објави едностраното раскинување на концесискиот договор за експлоатација на минерална суровина бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол“. „Концесионерот не ја исполнил обврската од членот 13 став 1 од договорот за концесија односно во рок од 2 години од денот на доделувањето на концесијата за експлоатација на локалитетот Казандол – општина Валандово, општина Богданци и општина Дојран, не изградил постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатираната руда“ изјави премиерот Заев.

 

 

Премиерот рече дека постои правото на компанијата „Сардич МЦ“ да тужи, но притоа нагласи дека македонската влада ја разгледала оваа одлука од сите можни аспекти. Донесената одлука за еднострано раскинување на договорот за рудникот „Казандол“ е во согласност со постојната законска регулатива, нагласи македонскиот премиер. Од друга страна, фирмата – инвеститор во недоградениот рудник во „Казандол“ вчера ја предупреди македонската влада дека ќе покрене спор против нашата земја пред Меѓународната арбитража за решавање на инвестициски спорови во Вашингтон. Инвеститорот „Сардич МЦ“ ќе бара отштета од минимум 380 милиони евра поради едностраното раскинување на договорот.

 

Изградбата на рудникот „Казандол“ започна кон крајот на август 2016 година, со ветување на инвеститорот дека ќе вложи 35 милиони евра во овој проект. Концесискиот договор со оваа фирма е склучен на 27 февруари 2015 година. Овој индустриски капацитет беше предвидено да произведува катоден бакар, со планиран годишен капацитет од 4.000 тони.