60,1 милиони денари ќе се вложат во изведба на главниот колекторски систем и секундарните колектори во општина Кочани. Проектот ќе го изведува струмичката градежна фирма „Жикол“ во наредните 12 месеци. Со градежните работи ќе се заокружи вториот сегмент од делницата на главниот колектор од преминот преку Кочанска река до новата пречистителна станица за отпадни води, која што во моментов се гради со грант од Швајцарската Конфедерација. Воедно, со склучениот договор од Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се изведува и првата фаза од секундарните колектори и нивното поврзување со главниот колектор.
Капиталниот зафат е една од најзначајните инвестиции за Кочани во изминативе децении. Покрај пречистителната станица за отпадни води, главниот собирен колекторски систем ќе има вкупна должина од 9.500 метри и ќе се состои од две делници. Колекторскиот систем го опфаќа градот Кочани и соседното село Оризари и со неговата реализација ќе се реши проблемот со третманот на отпадните води за вкупен број на население од 58.000 жители.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk