Македонските градежници бараат поголема контрола на увезените материјали од странство. За таа цел, тие бараат нов закон за градежни материјали и веќе нудат неколку решенија за построга контрола на квалитетот на увезените градежни производи. Според новиот закон, сите компании што нема да ги исполнат воведените стандарди, од 2019 година нема да можат да учествуваат на тендерски постапки. Воедно, планирани се и построги казни за оние што ќе вградат неконтролиран и неквалитетен градежен материјал.
Од Здружението на градежништво при Стопанската комора упатија апел до фирмите, до 30 септември годинава да ја завршат постапката за добивање стандарди за градежните материјали. Од домашните компании бараат до инспекциските служби и до царината да не дозволат во иднина да се врши увоз на цемент, арматура и други материјали со сомнителен квалитет. Ваквиот обид на некои увозници бил откриен во минатото, а истиот бил сопрен по реагирањето на домашните производители.