Јавното претпријатие за државни патишта го објави огласот за избор на градежни компании што ќе вршат поправка и рехабилитација на државните патишта низ земјава. Реализацијата на зацртаните градежни активности ќе се одвива во период од една година. Главниот критериум за избор на најповолен изведувач е понудената најниска цена. Државните патишта што допрва ќе се санираат се вклучени во Годишната програма на ова јавно претпријатие, а финансиските средства се обезбедени од државниот буџет за 2018 година.
Вредноста на оваа тендерска постапка е проценета на над 940 милиони денари, односно околу 15,3 милиони евра. Заинтересираните фирми од градежниот сектор имаат рок до 2 мај за да ги достават нивните понуди за поправка и рехабилитација на државните патишта низ земјава. Оваа тендерска постапка е само дел од предвидените активности во Годишната програма на Јавното претпријатие за државни патишта, со која македонската влада се обврза во текот на 2018 година да инвестира вкупно 272 милиони евра за изградба, реконструкција, рехабилитација и одржување на патиштата.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk