Со околу 7,3 милиони швајцарски франци ќе се подобрува водоснабдителниот систем во Делчево. Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, делчевскиот градоначалник Горан Трајковски и швајцарскиот амбасадор во Македонија Сибил Сутер Техада вчера потпишаа договор за доделување на техничка и финансиска помош за проектот „Водоснабдување на Делчево“. Проектот ќе се одвива во две фази: првата фаза е финансиска и техничка помош за системот за водоснабдување во Делчево, а втората е третманот на отпадни води во Делчево.
Во рамките на овој проект е предвидена изградба на пречистителна станица за вода, продолжување на мрежата за водоснабдување до селата Ѕвегор и Габрово, инсталација на два капацитети за производство на обновлива енергија, а во текот на институционалната поддршка предвидени се корпоративни мерки за развој на Јавното претпријатие за комунални услуги „Брегалница“. Околу 6 милиони швајцарски франци се обезбедени од Швајцарската Конфедерација, додека останатите средства се домашно учество од државниот буџет и од буџетот на општина Делчево.
Со реализацијата на овој проект ќе се обезбеди пристап до поквалитетна вода за пиење во Делчево и ќе се подобри квалитетот на водата од реката Брегалница.