Македонската влада на вчерашната седница го задолжи Министерството за економија во рок од седум дена да изготви информација за исполнетост на условите за раскинување на договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини на локалитетот „Казандол“. Ако се потврдат информациите дека концесионерот ги пробил роковите за изградба на рудникот, тогаш ќе се одземе дозволата за експлоатација и дефинитивно ќе се затвори рудникот Казандол. И владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција потврди дека работна група во владата утврдила повеќе недоследности како основа за стопирање на изградбата на овој рудник.
*Од почетокот на изградбата на рудникот во Казандол
Концесијата за експлоатација на руда е доделена на англиско – украинската компанија „Сардич МЦ“ во јули 2015 година. Камен – темелникот на овој рудник за катоден бакар беше поставен на 25 август 2016 година. Инвеститорот тврдеше дека во новиот рудник со планиран годишен капацитет од 4.000 тони катоден бакар ќе вложи 35 милиони евра.