Претходна статија
Наредната недела ќе се знае дали ќе се затвори рудникот Казандол
Следна статија
Најпрво измени во ДУП-овите, а потоа и сообраќајно решение за влезот во Скопје кај Момин Поток

Изложбата „Пре-фабрикати: Растечките куќи на Скопје“ привлече голем интерес меѓу скопската публика

Објавено на 14.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Во преполната сала на Музејот на современа уметност, вчера вечер беше отворена изложбата „Пре-фабрикати: Растечките куќи на Скопје“. Бројни припадници на архитектонската фела, но и граѓани на главниот град, дојдоа да се запознаат со шесте животни приказни на жителите од скопските бараки. Министерот за култура Роберт Алаѓозовски ја прогласи за отворена изложбата, нагласувајќи дека проектот на Катарина и Милан дава широк научен и социо-културолошки придонес во откривањето на начинот на живеење и развојот на постземјотресно Скопје. „Искрено се радувам што со ова дело, Катарина Урбанек и Милан Мијалковиќ продолжија да ја истражуваат архитектурата на нашата престолнина“ изјави министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

 

На свеченото отворање се обратија австриската амбасадорка Ренате Коблер и мексиканскиот амбасадор Марко Антонио Гарсија Бланко, кои говореа за придонесот на нивните земји во постземјотресната обнова на Скопје. Мексиканскиот амбасадор Гарсија Бланко посочи дека народот на Мексико сочувствува со жителите на Скопје и по повеќе од пет децении од земјотресот. „Не бевте сами, она што Мексико го направи е тоа што го стави своето зрно песок во сето ова“ изјави тој.

 

Во контекст на меѓународната солидарност посветена на Скопје, архитектката Даница Павловска во својот говор потсети на важноста на тематиката со која се занимава оваа изложба. „Ние имаме еден морален долг кон светот. Светот во постземјотресниот период навистина се сврте и со една извонредна хумана димензија му помогна на градот и на сите нас“ изјави архитектката Даница Павловска. Таа посочи дека концептот на солидарноста во Скопје донел илјадници бараки, со кои се оформила новата текстура на градот. Самите жители на Скопје ги искористиле овие бараки за да си ги направат своите „маала“. Даница Павловска посака проектот на Катарина Урбанек и Милан Мијалковиќ да претставува своевидна провокација и за други автори кои ќе најдат многу светли точки за истражување во нашиот град.

 

Професорката Елке Красни од Австрија посочи дека новата изложба и публикација „Пре – фабрикати: Растечките куќи на Скопје“ се огромен проект, бидејќи се бави со зданија што често се заборавени од самите архитектонски критичари, кои ги маргинализираат и не ги сметаат за значајни. „Милан и Катарина го посветија нивниот интерес и време на овие куќи“ истакна Елке Красни. „Нивното истражување немаше да може да се спроведе без луѓето кои живеат во овие куќи“ додаде таа. Воедно, Елке Красни поентираше со следнава реченица: „Врвната функција на архитектурата е да ги вдомува човековите битија, а не да прерасне во симболичка и идеолошка алатка за претставување на моќта“.

 

Милан Мијалковиќ, во име на двајцата автори, им се заблагодари на сите институции што ги поддржаа при нивната работа и на шесте фамилии што им овозможија да го реализираат овој проект. Изложбата „Пре – фабрикати: Растечките куќи на Скопје“ ќе биде отворена за сите заинтересирани граѓани до 3 април.

 

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk